Спортска Сала

sportska-sala-00

Меѓународен Конкурс: Конкурс за избор на идејно архитектонско-урбанистичко решение за Спортска Повеќенаменска Сала во Општина Аеродром-Скопје

Архитектонски проект: Спортска Повеќенаменска Сала во Општина Аеродром-Скопје


Концепт

Програмската организација на повеќенаменската спортска сала на различни функционални целини наложува поделба на објектот на три ламели. Сите три ламели имаат различни димензии во зависност од програмата што ја содржат и нивната диспозиција. Во најголемиот волумен по димензии, на јужната страна од локацијата е сместено игралиштето на спортската сала со трибините. Оваа ламела од објектот е со височина од +10,80м. Влезот за публиката во спортската сала е на ниво на околниот терен, додека котата на игралиштето е на ниво -1,92м. На северната страна од овој волумен поставен е долгнавестиот волумен – анекс со содржините наменети за спортистите и пратечките и неопходни содржини за спортската сала. Ламелата на анексот за пратечки содржини на спортската сала е поделена на три нивоа од кои првото ниво е сутерен – делумно вкопан во земја, на кота – 1,92 т.е. на исто ниво со игралиштето. Катовите се со спратна височина од +2,88м, освен последното ниво кое е со висина од + 3,84 м. Височината на венецот на оваа ламела е +7,68м. На западната страна на локацијата е сместен анексот со комерцијални и административни содржини кој е издвоен од спортската сала-игралиштето, а поврзан преку спирален скалишен простор со ламелата со пратечки содржини на спортската сала. Заради комерцијалниот карактер на овој анекс, катната височина во овој дел е 3,84 м. Влезот во комерцијалната ламела е организиран на ниво на теренот, а височината на венецот на овој дел е +11,52 м.

Различната типолошка организираност на трите ламели, резултира со различни димензии и различни висини на истите. Како елемент на соединување на трите волумени се јавува обвивка чија материјализација се предвидува да е од метално плетиво со бакарна нијанса. Обвивката се појавува во горната зона на објектите, за да не пречи во одвивањето на хоризонталната комуникација. Истата ја менува својата широчина прилагодувајќи се на волумените на анексите. За да се обезбеди подобра визуелна комуникација и светлосен ефект помеѓу внатрешноста и надворешноста, во обвивката, покрај тоа што самата има одреден степен на транспарентност, се втиснуваат правоаголни косо поставени отвори.

Триаголните зони на спојување помеѓу ламелите се повеќе-висински воздушни простори. На северната страна оваа триаголна зона е искористена за поставување на кружни скали со стаклен лифт, кои како вертикална комуникација го поврзуваат комерцијалниот дел со анексот на спортската сала. На јужната страна овој триаголен дел е отворен-надвор од објектот и служи како плато каде публиката може да се собира.

Формата на објектот добиена со врзувањето-спојувањето на трите ламели се рефлектира и на организацијата на партерот. Повеќеаголната форма на објектот во основа се реплицира концентрично и скалесто во повеќе нијанси и со различна материјализација.

Меѓународен Конкурс: Конкурс за избор на идејно архитектонско-урбанистичко решение за Спортска Повеќенаменска Сала во Општина Аеродром-Скопје
Архитектонски проект: Спортска Повеќенаменска Сала во Општина Аеродром-Скопје
Автори: БОНОР Инженеринг- Нора Арсовска, Стефан Георгиевски, со ТАЈФА Архитекти - Биљана Спиркоска , Стефан Лазаревски Инвеститор: Агенција за Млади и Спорт
Година: 2010
Место: Општина Аеродорм

Останати проекти