Меѓународен Конкурс: Конкурс за идејно архитектонско решение за административен објект на локална самоуправа на општина Карпош
Архитектонски проект: административен објект на локална самоуправа на општина Карпош
Концепт
Заради масивноста на предвидениот волумен и во континуитет на претходниот растер на организација на општината, објектот е функционално расчленет на три „ленти“. Секоја лента има различна широчина во зависност од типот на програма/капацитет/ што треба се смести во истата. Со разбивањето на волуменот се обезбедува и инсолација во средишниот дел на објектот. И покрај тоа што објектот е физички и програмски поделен на три дела/ленти/, процепите од естетски и функционален аспект се застаклени. За да се обезбеди физичка и визуелна врска на трите ленти, спротивно на нивниот правец се вметнува таканаречена туба, со изразена материјалност и боја која продира по косина од приземното ниво до второто ниво. Таа е главната комуникација и јавна површина, која по целата своја должина прима градска, јавна содржина. Лентите на јужната и северната страна се третирани монолитно без отвори, освен процепот меѓу објектите кој е застаклен. Западната и северната страна се целосно отворени и застаклени, за да се постигне што поголема транспарентност и осветленост во внатрешноста.
На изгледот на фасадата релјефно се појавува мотивот на формата на тубата. Со разијдувањето на секој мотив на фасадата се оформува отвор кој истовремено служи и за вентилирање на двојната фасада. Како контраст на ригидната структура на примарниот објект, анексот е третиран помеко, со заоблена форма со што се формира суптилен премин кон соседниот објект. Платото пред влезниот дел на објектот е исто така третиран со мотивот на тубата, изведен со различна материјализација на партерот.
Меѓународен Конкурс: | Конкурс за идејно архитектонско решение за административен објект на локална самоуправа на општина Карпош |
---|---|
Архитектонски проект: | Административен објект на локална самоуправа на општина Карпош |
Автори: | БОНОР Инженеринг - Нора Арсовска, Стефан Георгиевски со ТАЈФА Архитекти - Биљана Спиркоска, Стефан Лазаревски |
Инвеститор: | Општина Карпош |
Година: | Фебруари 2010 |
Место: | Општина Карпош |
Награда: | Откуп на проектот |